Шпанија ја победи Франција со 2:1 на првото полуфинале на ЕУРО 2024, кое се одигра во Минхен и оди во финале.
Двете екипи приредија одличен фудбал, особено во првото полувреме, со прекрасниот гол на Јамал.
Во финалето во недела Шпанија ќе игра со победникот од утрешното второ полуфинале меѓу Англија и Холандија.
Се започна спектакуларно со шансата на Фабијан Руис уште во 5,минута. Сепак не се чекаше многу на голот, и тоа на првиот од игра кои го постигнаа Французите на ова ЕП. Асистираше Мбапе, а Коло Муани постигна убав гол за водство од 0:1.
И тогаш дојде таа 20.минута и фантастичниот гол, мајсторијата на фудбалскиот виртуоз Ламине Јамал кога со шут од 25 метри постигна фантастичен гол. Јамал кој за неколку дена ќе наполни 17 години и дефинитивно покажа дека е голема надеж на светскиот фудбал, пред се на Шпанија. Сега тој е најмлад фудбалер кој постигнал гол на ЕП во историјата. И тоа не беше се од головите, само пет минути подоцна Шпанија направи пресврт, и тоа со голот на Дани Олмо, “асистираше“ малку и Кунде за водство на Шпанија од 2:1, резултат со кој се замина на пауза.
Во второто полувреме, како што и се очекуваше, Франција тргна со сите сили во напад. Мбапе и компанија беа поопасни, а Дембеле во 60.минута ја префрли топката пред голот на Шпанија, но таму немаше некој од неговите па таа шанса пропадна. Сепак се редеа акциите на “триколорите“, но „Фуријата“ добро се бранеше.
Во 64.минута за малку Упамекано ќе израмнеше, но немаше среќа. Следуваше и шансата, односно ударот на Тео Ернандез, но резултатот и натаму беше 2:1 за Шпанија.
Во 81.минута Јамал уште еднаш се обиде од далечина, но сега беше непрецизен. Ова беше првиот удар на Шпанија во второто полувреме. Во 86.минута Мбапе имаше супер шанса за 2:2, но не успеа на негова жалост.