Фудбалската репрезентација на Шпанија е новиот европски шампион. Во големото финале во Берлин шпанските фудбалери ја продолжија доминацијата и со победата над Англија од 2-1 по четврти пат се искачија на врвот на Европа.
Шпанците имаа иницијатива на стартот од финалето, но без поголеми возбудувања во првите 45 минути.
CAMPEONES 🏆#EURO2024 pic.twitter.com/bJxBAGqbq3
— UEFA EURO 2024 (@EURO2024) July 14, 2024
Шпанците вториот дел го отворија мечот како од соништата – со гол по само две минути игра. Јамал во улога на асистент, Нико Вилијамс со својот втор гол на шампионатот ја шокира Англија и ѝ донесе заслужено водство на својата селекција од 1-0.
Англија четврти натпревар во елиминационата фаза се најде во позиција да брка резултат, па Саутгејт мораше да го освежи својот тим. Асот на Челзи, Палмер во 70. минута го замени Мејно, а по само три минути игра по одлична тимска акција ја погоди целта за израмнување на 1-1.
По израмнувањето играта се вжешти, шанси се редеа пред двата гола, а во таквата игра подобро се снајдоа фудбалерите на „Фуријата“ кои преку резервистот Ојарзабал стигнаа до нов погодок и голема победа (2-1).