Германија останува на својата одлука да не и дава на Украина ракети со долг дострел, изјави денеска портпаролот на германската влада, пренесува „Би-Би-Си“.
„Одлуката на канцеларот е непроменета“, рече портпаролот откако беше прашан дали можеби ќе има промена во политиката по одлуката на САД да и дозволи на Украина да истрела ракети со долг дострел на руска територија.
Германија е вториот најголем донатор на воена помош за Украина по САД, но канцеларот Олаф Шолц одлучи да не ја опремува Украина со ракети Таурус од германско производство со долг дострел.
Германскиот лидер се соочи со контроверзии минатата недела по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, потег што неговиот украински колега го нарече „Пандорината кутија“ и „ја ослабна изолацијата на Путин“.
Светските медиуми синоќа, повикувајќи се на неименувани функционери, објавија дека американскиот претседател Џо Бајден за првпат ја овластил Украина да користи американски ракети со долг дострел за да нанесе удар на руска територија.
Според изворите, првите удари длабоко во руска територија најверојатно ќе бидат извршени со ракети АТАКМС.