Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин е неопходен и дека тој ќе продолжи.
– Денес, во оваа ситуација, неопходно е да разговараме со него повторно и повторно. Тоа го правев во минатото и ќе го правам повторно во иднина. Но, разговорите меѓу Украина и Русија бараат одлучен чекор од руската страна, што значи повлекување на војниците. Владимир Путин очигледно се уште не е подготвен за тоа – изјави тој во интервју за германскиот весник „Хајлбронер шиме“.
Германскиот канцелар изјави дека Путин планирал да ги постигне своите цели во Украина во рок од две недели, но тоа не успеало.
– Украина, исто така, врати многу територии. Русија мора да биде принудена да се повлече – рече Шолц.
На прашањето дали војната во Израел ја става руската агресија на втор план и колку долго Германија ќе продолжи да испорачува оружје на Украина, Шолц рече дека тоа ќе го прави се додека е потребно.
– Нападот на Русија врз Украина е враќање на империјализмот во Европа. Затоа ова е пресвртница и испораката на оружје е на дневен ред онолку долго колку што е потребно – нагласи Шолц.