Шолц во Бундестагот: Мора да се поедностави добивањето државјанство

by fokus

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Бундестагот ја претстави програмата на новата коалициска влада, при што посебно внимание посвети на прашањето за вакцинација на населението против коронавирус.

Тој најави дека до крајот на годината во Германија ќе бидат администрирани 30 милиони дози вакцина против коронавирус, како прва или втора доза или како засилувачка доза.

Исто така, канцеларот увери дека нема да дозволи екстремистите и радикалните противници на вакцинацијата да ја поставуваат агендата. – Нема да толерираме мало малцинство екстремисти кои се обидуваат да ја наметнат својата волја врз целата наша нација да дејствуваат непречено, предупреди тој. Ова малцинство го сврте грбот не само на „науката, рационалноста и рационалното однесување“, туку и на „нашето општество, нашата демократија, нашата солидарност и нашата држава“, рече германскиот канцелар.

Според него, ова не е сериозна поделба. Мнозинството има солидарен и избалансиран пристап, нагласи тој.

Посебен дел од презентацијата беше посветен на финансиски прашања. Станува збор за претстојниот – најголемиот пробив во последните 100 години – во германската економија и производство, објасни Олаф Шолц.

– Зад нас имаме 250 години, за време на кои нашиот просперитет се засноваше на согорувањето на јаглен, нафта и гас. Сега имаме околу 23 години пред нас, во кои мораме и ќе можеме да се откажеме од фосилните горива, рече тој.

До 2045 година Германија мора да биде климатски неутрална, потсети шефот на германската влада. – Ова значи дека се соочуваме со најголемата индустриска и економска трансформација во најмалку последните 100 години, рече тој.

Германскиот канцелар најави и деценија инвестирање во технологиите на иднината. „Станува збор за поставување на темелите за нова технолошка ера“, рече Шолц и најави десетици милијарди евра инвестиции во станици за полнење, морски ветерни електрани, фотоволтаици, реновирање на електричните мрежи, станови и железници.

Олаф Шолц посвети посебно внимание на интеграциските процеси во германското општество. Според него, Германија е „земја на имигранти, затоа мора да се поедностави патот до државјанството за да се подобри политичкото учество. Мора да биде можно да се добие државјанство само по пет години престој. Покрај тоа, мора да се обезбеди процедура за добивање на повеќе од едно државјанство, нагласи Шолц.

Во делот од надворешната политика, Олаф Шолц ја предупреди Русија дека „секое прекршување на територијалниот суверенитет“ – особено во однос на Украина – „ќе мора да се плати со висока цена“. Според германскиот премиер, Берлин за ова прашање „едногласно“ ќе разговара со своите трансатлантски сојузници. – Како Европска унија нема да дозволиме да бидеме поделени, рече тој. Успехот на Европа е наша најважна национална задача, додаде Шолц.

Германија е подготвена за дијалог со Москва. Сепак, мора да биде јасно дека тоа е можно само во контекст на ЕУ како целина. Нема источноевропска политика што ја води само Германија, туку заедничка европска политика кон источноевропските земји, нагласи германскиот канцелар.

Во својот говор, Шолц во голема мера се потпираше на коалицискиот договор од 177 страници претставен на 24 ноември во Берлин од членовите на Германската социјалдемократска партија, Унијата-90/Зелените и Слободната демократска партија.

Придружен со долг аплауз, тој и се заблагодари на својата претходничка Ангела Меркел за непречената транзиција. На цивилизацискиот начин на трансферот од поранешната во сегашната влада му се восхитуваше ширум светот и ја заслужи почитта на многумина во светот, пишува Дојче веле. Некои германски политичари и коментатори ја споредија транзицијата на власта во Берлин со последните денови и недели на Доналд Трамп како американски претседател.

По излагањето во Бундестагот, тој попладнево допатува во Брисел, каде заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел учествува на Самитот на Источното партнерство, при што со лидерите на пет поранешни советски републики од источна Европа ќе разговараат за руското мешање и регионалните судири.

Поврзани новости