Шолц: Верувам дека со Трамп ќе најдам решение за Украина

by Fokus

Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази уверување дека ќе успее да постигне договор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за заедничка стратегија за Украина, а тоа го изјави откако тие разговараа по телефон.

„Убеден сум дека можеме да развиеме заедничка стратегија за Украина. Мојот основен принцип останува дека ништо не може да се реши без да се вклучи украинскиот народ во тоа“, рече Шолц во интервју за медиумската група „Функе“, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека имал „исцрпни“ разговори со Трамп и дека неговиот тим е во директна комуникација со советниците за безбедност на Трамп.

Украина ќе биде клучна тема во кампањата за предвремените избори во Германија, кои ќе се одржат во февруари, посочува агенцијата.

Лидерот на конзервативната опозиција Фридрих Мерц, кој се очекува да се обиде да го замени Шолц, изјави дека Германија треба да испрати крстосувачки ракети Таурус во Украина, што Шолц го отфрли, велејќи дека тоа може да придонесе за ескалација на војната.

Во понеделникот, за време на посетата на Киев, Шолц најави нова воена помош за Украина и рече дека Берлин ќе стои на страната на Киев се додека е потребно.

Поврзани новости