Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја поздрави „конвергенцијата на ставовите“ со новиот германски канцелар Олаф Шолц за време на нивната прва средба како лидери во Париз.
Макрон рече дека видел „конвергенција на ставовите, желба земјите да работат заедно и цврсто и решително верување во Европа… во месеците и годините што следат“.
Тој смета дека посетата е „многу важен момент за изградба на цврсти основи за соработка меѓу двете земји“.
Двајцата разговараа за нивната визија за иднината на Европската унија, како и за тензиите меѓу Украина и Русија, мигрантите во Белорусија и во ЕУ и врските со Кина и африканскиот континент.
Шолц ја презеде функцијата од Ангела Меркел во средата, на крајот од нејзините 16 години на власт.
Центристичкиот социјалдемократ ја предводи новата различна коалиција на екологистите Зелени и Слободните демократи, пријателски настроени кон бизнисот, но нивната заедничка посветеност за зајакнување на „стратешкиот суверенитет“ на Европа ги зголеми надежите во Париз.
Тој даде внимателен одговор на прашањето дали е подготвен да ги преиспита буџетските правила на ЕУ кои ги ограничуваат дефицитите што им е дозволено да ги имаат владите во нормални економски времиња, нешто што го предложи Макрон.
„Зборуваме за одржување на овој раст што е поттикнат од фондот за закрепнување“, рече Шолц, мислејќи на историскиот спасувачки фонд договорен од ЕУ минатата година за да помогне да се спречи рецесија поврзана со Ковид-19.
„Треба во исто време да работиме на цврстината на нашите финансии. Нема контрадикторност“, рече тој.
Макрон вчера претстави амбициозна агенда за „Европа која е моќна во светот“ додека Франција е ротирачки претседател на 27-члениот Совет на Европската унија во првата половина на следната година.