Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли опцијата за одржување предвремени парламентарни избори, како во Франција, по лошите резултати на неговата владејачка коалиција на европските избори, изјави денеска неговиот портпарол.
Идејата за предвремени избори што ја бараа екстремната десница и некои конзервативци не беше разгледана „во ниту еден момент“, рече Штефен Хебстрајт, и покрај „малку задоволителните“ резултати на трите партии во владејачката коалиција – социјалдемократите на канцеларот, Зелените и либералите – на штотуку одржаните европски избори.
„Датумот за редовни избори е одреден за на есен 2025 година. Тоа е она што го предвидуваме да го направиме“, рече портпаролот и укажа на големите разлики меѓу францускиот систем, каде претседателот има водечка улога, и германскиот систем, каде целата национална извршна власт е во рацете на канцеларот и неговата влада.
Трите партии, кои се во владејачка коалиција од крајот на 2021 година, заедно собраа помалку од една третина од гласовите на европските избори одржани вчера и го загубија бројот на пратеници, особено Зелените, споредено со претходните избори.
Голем победник на изборите е конзервативната група Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска Христијанско-социјална унија (ЦСУ) со 30 отсто од гласовите освоени во Германија, а по неа е екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) со 15,9 отсто гласови.
Лидерот на ЦСУ Марк Зедер денеска повика да се организираат избори што е можно поскоро и за нов почеток на земјата. Тој за телевизијата НТВ изјави дека владата на Шолц повеќе „нема никаква поддршка од населението“.
Копретседателката на AfD, Алис Видел, на својот профил на мрежата X напиша дека Шолц треба да исполни само уште една задача, а тоа е да го отвори патот за нови избори наместо да владее уште една година против огромното мнозинство од населението.