Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека крајот на пандемијата на коронавирусот не е блиску и ги повика граѓаните што побрзо да се вакцинираат.
Во традиционалната новогодишна порака, Шолц најмногу зборуваше за пандемијата, велејќи дека не дошол на власт во лесно време.
„Четвртиот бран на пандемијата трае, со ризик веднаш да прерасне во петти, пренесен од нов вид коронавирус. Пандемијата се вовлече во нашите коски, со сите оптоварувања и ограничувања што ги носи“, рече Шолц.
Тој се осврна и на кампањата за вакцинација, посочувајќи дека од средината на ноември се дадени 30 милиони дози вакцина, а планот е до крајот на јануари да се дадат уште толку.
„Искористете ја можноста да се вакцинирате спонтано и без закажување. Ве молам, не одложувајте го за друг ден. Нема големи несакани ефекти. Безброј вакцинирани луѓе станаа родители на здрави деца“, порача Шолц.