Самитот на Западен Балкан ќе се одржи во ноември годинава во Берлин со цел да се даде нов поттик на таканаречениот „Берлински процес“, најави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, а соопшти германската влада.
По средбата со словенечкиот премиер Роберт Голоб во Берлин, на која една од темите беше и проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, Шолц рече дека може да се постигне договор за понатамошни конкретни чекори за европската интеграција на Западен Балкан.
Шолц истакна дека на Западен Балкан му била ветена брза и реална перспектива на ЕУ во 2003 година, но оцени дека оттогаш малку се случило, пренесе СТА.
Тој рече дека Германија и Словенија би сакале да соработуваат за давање нов поттик на процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ.
Голоб, чијшто ова е негова прва билатерална посета во странство откако го презеде мандатот, рече дека верува оти мора да се најдат начини земјите од Западен Балкан да преземат индивидуални чекори и да постигнат успех на патот кон ЕУ.
-За жал, овој процес, како што е направен, е процес што доведе до апатија во овие земји бидејќи е апсолутно премногу бавен, рече Голоб.
Тој оцени дека ЕУ треба да се фокусира на наградување на Западен Балкан за напредок на патот кон пристапување во ЕУ, со цел да им даде поттик на тие земји да продолжат да ја следат таа „далечна и предизвикувачка цел“, наведува Ројтерс.
Шолц го наведе прашањето за енергетиката како пример и сугерираше дека на Македонија може да и се дозволи да учествува во енергетски проекти ширум ЕУ штом земјата ќе ги имплементира сите енергетски правила на ЕУ.
Двајцата претставници разговарале и за последиците од војната во Украина, пред се за енергетската криза, а Голоб оценил дека преживувањето на зимата без руски гас е многу амбициозна, но остварлива цел, доколку ЕУ соработува.
Шолц рече дека ЕУ ќе мора да направи се за да ја намали енергетската зависност од Русија и укажа на обидите за воспоставување инфраструктура, што ќе овозможи краткорочно извлекување нафта и гас од други извори.
Двајцата лидери се залагаа за продолжување на политичката, воената и хуманитарната помош за Украина, како и за санкциите против Русија.