Шолц: Македонија имаше храбри лидери кои направија храбри чекори за ЕУ

by fokus

Германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференцијата со францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека е потребно да се испратат јасни сигнали за земјите од Западен Балкан и дека треба да се одржат ветувањата. Тој притоа истакна, дека Северна Македонија имаше храбри лидери, кои направија храбри чекори за да започне процесот на пристапување.

– Ние треба да им испратиме сигнали на земјите од  Западен Балкан. Ние ќе ги одржиме нашите ветувања за да се надминат пречките кои се пред нас, за да се има тој разумен и сигурен пристап, рече Шолц, притоа нагласи дека „се  радува“ што Макрон потсетил на таа европска перспектива за земјите од регионот.

– Земјите на Западен Балкан се дел од европското семејство. Украина исто така. Ние работиме за Западен Балкан да го приближиме до Европската Унија, рече германскиот канцелар.

Одговарајќи на новинарско прашање, за предлогот на Макрон за „европска политичка заедница тој го оцени како „многу интересен предлог за соочување со големите предизвици со кои се соочува ЕУ“, притоа тој директно се осврна на проширувањето кон земјите од Западен Балкан и Северна Македонија. 

– Оваа идеја не не спречува да го завршиме, тоа што го започнавме и на што работиме веќе извесно време. Тоа се однесува на земјите од Западен Балкан, бидејќи тие донесоа многу длабоки и храбри одлуки. Тоа треба да биде наградено. Го наведувам примерот на Северна Македонија, таа имаше храбри политички лидери кои направија храбри чекори за да започне процесот на зачленување. Ние не треба да ги обесхрабриме тие храбри чекори, додаде германскиот канцелар.

Францускиот претседател од своја страна нагласи дека е решено да се одржи самит за Западен Балкан во јуни, што ќе се одржи непосредно пред европскиот самит. За тоа ќе се има блиска и координирана француско-германска соработка за да се може, токму на сите овие ситуации, да се работи заедно, „за да дозволиме прво да се решат ситуациите на разлики кои сè уште постојат и да им ја разјасниме на сите земји од Западен Балкан европската агенда која во голема мера е нивна“, рече Макрон.

Поврзани новости