Шолц изразил подготвеност да посредува меѓу Скопје и Софија, процесот бил координиран и со Макрон?

Разговорите на премиерот Христијан Мицкоски со меѓународните партнери завршувале со констатација дека треба да се седне, да се разговара и да се најде решение меѓу Македонија и Бугарија, бидејќи, според него, пристапот „тоа е тоа“ не е решение.

by Фокус

Премиерот Христијан Мицкоски денес е поголем оптимист дека, со помош на меѓународните партнери, може да се најде заеднички јазик со Бугарија со цел да се премости пречката со уставните измени и да се започнат преговорите со ЕУ, отколку што бил пред 6 месеци.

На брифинг со новинарите, Мицкоски рече дека, по неформалната средба со бугарскиот претседател Румен Радев, македонската страна имала стратегија да гради наратив во правец да се најде решение на проблемот.

Како што посочи премиерот, на тој начин разговарале и со меѓународните партнери, при што разговорите завршувале со констатација дека треба да се седне, да се разговара и да се најде решение, бидејќи пристапот „тоа е тоа“ не е решение.

По телефонскиот разговор со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, кој победи на последните парламентарни избори во Бугарија, Мицкоски добил чувство дека Борисов ќе се обиде да формира влада со ПП на Кирил Петров и уште еден партнер.

Притоа, премиер на новата влада ќе настојува да биде токму Борисов, кој, според Мицкоски, во разговорот со него кажал дека Македонците и Бугарите се „братски народи“.

Иако не се случува ништо конкретно, сепак, тој денес е поголем оптимист дека може да се најде решение отколку што бил пред 6 месеци, со тоа што посочи дека Владата настапува со аргументи кои, според него, не биле пласирани од неговите претходници.

Тој беше дециден дека евентуалниот епилог од процесот не може да биде полош од моменталната ситуација и патем нагласи дека нашата цел е да се одбраниме на дополнителни условувања на сметка на националните интереси.

Според неофицијални информации, и германскиот канцелар Олаф Шолц изразил подготвеност да посредува меѓу Скопје и Софија, додека во рамки на оваа иницијатива се вклучил и францускиот претседател Емануел Макрон преку близок соработник.

Влатко Стојановски

Поврзани новости