Германскиот канцелар Олаф Шолц, домаќинот на самитот на Г7, и францускиот претседател Емануел Макрон, денеска, по завршувањето на дводневната средба на врвот на седумтте најразвиени економии во светот во германското алпско градче Елмау, изјавија дека руските планови во Украина ќе пропаднат.
Германскиот канцелар Шолц рече дека санкциите ќе завршат кога Путин ќе прифати дека неговите планови за Украина ќе пропаднат.
-Постои само еден излез за Путин, а тоа е да прифати дека неговите планови за Украина ќе пропаднат – рече тој на прес-конференција по затворањето на Г7.
Шолц нагласи дека лидерите на Г7 сакаат Русија да ја плати максималната цена за инвазијата на Украина.
-Г7 останува обединета во поддршката на Украина. Ќе продолжиме да ја одржуваме и зајакнуваме економската и политичката цена што Путин и неговиот режим мора да ја платат – нагласи тој.
Францускиот претседател изјави дека Русија има само една цел, а тоа е Украина да се предаде, но дека Москва нема да ја добие војната.
-Русија не може и не смее да победи во војната во Украина, а санкциите ќе траат колку што е потребно – рече Макрон на прес-конференција по самитот на Г7 во Германија.