Премиерот Димитар Ковачевски во Берлин беше пречекан од германскиот канцелар, Олаф Шолц.
Ковачевски, заедно со шефовите на Владите од земјите од Западен Балкан, како и високи претставници на Влади од земјите на ЕУ и Обединетото Кралство, денеска присуствува на официјалното започнување на Самитот за Берлински процес.
Првиот Самит за Западен Балкан се одржа исто така во Берлин во 2014 година, а целта на годинешниот Самит, се наведува во соопштението од владинната прес-служба, е да се интензивира соработката и регионалната поврзаност помеѓу земјите од Западен Балкан.
Лидерите од Западен Балкан заедно со претставниците на Владите од земјите од ЕУ, Обединетото Кралство и претставници на Европската комисија ќе имаат можност да дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.
Шолц изјави дека сите земји од Западен Балкан се дел од слободна и демократска Европа и дека заедничка работа на Европската унија и регионот е ветената европска иднина да се претвори во реалност. Според него, денешната средба е можност да се разговара за многуте предизвици со кои се соочува Западен Балкан.
Тој изрази уверување дека Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон Европската унија. Според него, „во моментот на бруталната војна на Русија против Украина, време е да се надминат внатрешните конфликти“.