Шолц го правдаше распуштањето на владата, опозицијата жестоко го нападна

by Fokus

Една недела по распадот на владејачката коалиција, германскиот канцелар Олаф Шолц денеска се обрати пред Бундестагот и го оправда својот потег како чекор кој е неизбежен и неопходен за Германија.

„На крајот, владата не постапи во иста насока и затоа беше неминовно разрешувањето на министерот за финансии и покрај тоа што се обидов да најдам компромис до крај“, изјави Шолц (Социјалдемократската партија на Германија СПД), оправдувајќи го, во вонредното обраќање до парламентот, разрешувањето на министерот за финансии и претставникот на Либерално – Демократската партија (ФДП) на Кристијан Линднер, со што се отвори пат за предвремени избори.

Тој рече дека повеќе не сака да им „допушта“ на граѓаните на Германија редовни јавни кавги меѓу членовите на коалицијата. Во исто време, укажа на успесите што неговата влада на социјалдемократи, зелени и либерали ги постигна за три години работење.

„Јавните спорови никогаш повеќе не смеат да ги засенат успесите на една влада“, рече Шолц.

Германскиот канцелар повика на единство во земјата, која, како што рече, се соочува со големи предизвици. Тој рече дека се надева оти Бундестагот, иако нема мнозинство, ќе прифати некои важни закони на неговата влада во заминување, меѓу кои и реформата на пензискиот систем.

Претседателот на претставничката група на демохристијаните Фридрих Мерц (Христијанско-демократска унија, ЦДУ) на дискусијата што следеше по обраќањето на канцеларот во парламентот рече дека однесувањето на Шолц ја дели земјата наместо да ја обединува.

„Вие внесувате раздор во Германија. Вие сте одговорни за таа поделба, не се води така владата“, рече Мерц. Тој му замери на Шолц што не го започнал процесот за верификација на довербата во Бундестагот веднаш по разрешувањето на министерот и губењето на мнозинството во парламентот, туку со „тактика“ се обидел да ги измами граѓаните.

„Ова што го кажавте пред германскиот парламент нема никаква врска со реалноста: очигледно не ја разбирате ситуацијата во земјата“, рече Мерц.

Претседателот на ЦДУ, кој е и демохристијански кандидат за канцелар, а со тоа и најверојатен претседател на идната влада, му замери на Шолц што се обидел да го постави прашањето за доверба дури во јануари, со што датумот на нови избори би се поместил во март.

Поврзани новости