Шолц: ЕУ и САД не смеат да се поделат во мировните преговори за Украина

by Fokus

Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на единство меѓу Европа и САД за одговорноста за безбедноста на Украина.

„Не смее да има поделба во однос на безбедноста и одговорноста меѓу Европа и САД“, изјави Шолц за новинарите по европскиот самит во Париз.

Тој го изјави ова откако САД се обидоа да започнат преговори со Русија без консултација со Европската унија, пренесува Ројтерс.

„НАТО се заснова на тоа секогаш да дејствуваме заедно и да споделуваме ризици, а со тоа да ја осигураме нашата безбедност. Ова не смее да се доведува во прашање“, нагласи Шолц.

Лидерите на неколку европски земји се собраа во Елисејската палата во Париз на итен Самит свикан од францускиот претседател Емануел Макрон за да се договорат за заеднички став за Украина пред администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да преземе дополнителни чекори.

Состанокот доаѓа во време кога администрацијата на Трамп остро ја критикува Европската унија и планира директно да преговара со Русија за ставање крај на војната во Украина.

На средбата присуствуваа и лидерите на Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателот на Европската комисија и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

„Целта е да се утврди што можат Европејците да направат за себе, со оглед на забрзувањето на настаните во Украина по иницијативите на претседателот Трамп“, рече советникот на Макрон.

Тој истакна дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.

Трамп неодамна телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, при што беше спомената можноста за преговори за Украина, што предизвика загриженост кај европските лидери.

Во исто време, на Минхенската безбедносна конференција, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја критикуваше ЕУ, обвинувајќи ја за непочитување на слободата на говорот.

Поврзани новости