Екстремно десничарскиот, антиисламски популист Герт Вилдерс е блиску до огромна победа на парламентарните избори во едно од најголемите политички превирања во холандската политика од Втората светска војна, кое сигурно ќе ја протресе цела Европа.
Вилдерс денеска ќе почне да бара коалициски партнери, по огромната изборна победа која ќе има далекусежни последици во Холандија и Европа. Обожавателот на евроскептичниот унгарски премиер Виктор Орбан, гласно антиисламски настроениот Вилдерс вети дека ќе ја запре сета имиграција, ќе ги намали плаќањата на Холандија кон Европската унија и ќе го блокира влезот на сите нови членки, вклучително и на Украина.
Надминувајќи ги сите очекувања, неговата Партија на слободата (ПВВ) освои 37 места од 150, многу пред 25-те места за заедничката листа Лабуристи/Зелени и 24 места за конзервативната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на премиерот во заминување Марк Руте.
„Ерата Руте завршува со десничарски популистички бунт што го тресе (Хаг) до темел“, објави холандскиот дневен весник NRC од десниот центар.
Коалицијата на Партијата на слободата, ВВД и партијата НСЦ на центристичкиот пратеник Питер Омцигт би имала комбинирано 81 место, што би била најочигледната коалиција, но онаа за која сè уште ќе бидат потребни месеци тешки преговори.
Ниту една од партиите со кои Вилдерс можеше да формира влада не ги споделува неговите анти-ЕУ идеи.
„Уверен сум дека можеме да постигнеме договор“, рече тој во својот победнички говор. „Сакаме да владееме и … ќе владееме“.
Победата на Вилдерс испраќа остро предупредување до големите партии ширум Европа пред изборите за Европскиот парламент во јуни следната година, на кои ќе се води борба за истите прашања како и изборите во Холандија: имиграцијата, трошоците за живот и климатските промени.
Портпаролот на ЕУ денеска изјави дека резултатот од холандските парламентарни избори не го доведува во прашање членството на Холандија во ЕУ.
„Јасно е дека продолжуваме да сметаме на силно учество на Холандија во ЕУ“, рече тој за новинарите.
Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер призна дека изборите во Холандија ги покажале „стравовите што се појавуваат во Европа“ за имиграцијата и економијата и потребата владите да им покажат на граѓаните дека нивните политики даваат плод.
Секако, минатомесечните избори во Полска, на кои победија група проевропски партии против националистичката Право и правда (ПиС), покажуваат дека не сите земји во регионот се свртуваат кон десно. Но, италијанскиот вицепремиер и лидер на екстремно десничарската Лига, Матео Салвини, рече дека изборите во Холандија покажале дека „нова Европа е можна“.