Најдобриот полски фудбалер и капитен на оваа репрезентација – Роберт Левандовски би можел да го пропушти претстојното Европско првенство.
На последниот пријателски натпревар пред патувањето на еврото против Турција (2:1), Левандовски мораше да ја напушти играта во 33. минута од средбата.
Левандовски во еден момент само седна на теренот и се фати за ногата и беше очигледно дека има големи болки. Наместо него во игра влезе Качпер Урбански.
За Левандовски ова беше јубилејниот 150-ти интернационален натпревар за Полска, но наместо тоа, тој можеби ќе го памети како еден од најтешките во неговата кариера.
Утрово врз Левандовски беа извршени детални прегледи, а „Спортове Факти“ обелодени дека резултатите се катастрофални за Полјаците – Левандовски има скинат мускул на ногата и ќе мора да паузира извесен период од терените.
Според овој извор, Левандовски дефинитивно ќе го пропушти првиот меч на ЕВРО 2024 што неговата селекција в недела ќе го игра против Холандија, а прашање е дали најдобриот полски фудбалер ќе може да се рехабилитира за да помогне на следните две средби на оваа репрезентација, против Австрија и Франција.
Само за потсетување, на претходниот пријателски меч тешка повреда заработи Аркадиуш Милик, кој мораше да биде опериран и голгетерот на Јувентус отпадна од комбинација за настап на ЕВРО 2024.