Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги прегледа војниците на Југот и Центарот кои учествуваат во специјалната воена операција во Украина и нареди да се интензивираат акциите во сите оперативни правци, соопшти Министерството за одбрана на Русија.
Шојгу ги дал потребните инструкции за дополнително зајакнување на акциите на единиците во сите оперативни правци со цел да се исклучи можноста Киев да изврши масовни ракетни и артилериски напади врз цивилната инфраструктура и жителите на населените места во Донбас и другите региони, пренесува агенцијата Интерфакс.
Руската специјална воена операција со цел демилитаризација и денацификација на Украина започна на 24 февруари. Рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Западот сака да ја победи Русија на „бојното поле“ во Украина.
Во меѓувреме, руските сили го гранатираа јужниот украински град Никопол, што е последно гранатирање на градски области, при што загинаа најмалку 37 луѓе, а многу беа ранети во последните три дена. Украинските служби за итни случаи соопштија дека две лица се ранети, а две се затрупани под урнатините во Никопол, кој се наоѓа на реката Днепар.
Руските сили, исто така, во текот на ноќта го нападнаа североисточниот украински град Чугуив во областа Харков, при што загинаа три лица, меѓу кои една 70-годишна жена, а беа ранети уште три, изјави гувернерот на провинцијата.