Шоферот на Чавков го потврди сведочењето на телохранителот, Нинџа се обиде да го оспори

by fokus

Полицискиот службеник кој дента на 27 април бил дел од обезбедувањето на тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, и кој го превезувал во службеното возило, на денешното рочиште го потврди она што во кажа претходно телохранителот, дека помеѓу 18.00 часот и 20.00 часот додека траел упадот во Собранието, Чавков бил во канцеларија во зградата на Технометал Вардар.

Како што рече Вангел Цакончев, сведок на одбраната, тој го однел Чавков во подземната гаража на оваа зграда која се наоѓа веднаш до седиштето на ВМРО ДПМНЕ и го видел како влегува во лифтот, а околу 20.00 часот како излегува од него, по што го однел до МВР, поточно до кризниот штаб на Министерството формиран за настаните од 27 април.

Сведочењето на Цакончев беше речиси идентично со она на Никола Димитриевски, тогашен телохранител на Чавков кој сведочеше претходно. Единствената разлика е во тоа што Димитриевски рече дека по МВР, некаде околу полноќ го однеле Чавков во седиштето на ВМРО ДПМНЕ, каде се задржал околу два часа.

Шоферот пак рече дека во партиското седиште, каде Чавков отишол за да се сретне со Тодоров, се задржале речиси до разденување. Обвинетиот Александар Василевски Нинџа, од кого потекнува тврдењето дека помеѓу 18.00 и 20.00 часот Чавков се наоѓал на осми спрат во седиштето на ВМРО ДПМНЕ, денеска се обиде да го оспори сведочењето на шоферот.

Во вкрстено испрашување Нинџа го праша шоферот дали е точно дека тој не знае со сигурност дали Чавкив бил во зградата на Технометал Вардар, имајќи предвид дека тој го видел како влегува во лифтот, по што речиси два часа го изгубил од видик.

-Јас не знам дали од лифтот на оваа зграда може да се излезе на плоштадот ВМРО – одговори Цакончев иронично.

-Го видов како влегува во зградата на Технометал Вардар и во 20.00 часот како излегува од истата, толку можам да кажам – додаде тој.

Најважното што произлезе од сведочењето на лицата од обезбедувањето на Чавков е дека тие посведочија каде бил тој, но и дека го слушнале како им дава наредби на своите потчинети.

Сепак, ниту Димитриевски, ниту Цакончев не можеа да се сетат какви наредби издавал Чавков. По прашањата на Нинџа, кон вкрстено испрашување пристапи и судијката Добрила Кацарска. На тврдењето на Цокунчев дека во штабот на МВР ситуацијата била разиграна, како што рече, односно дека цело време се издавале наредби и команди за да се реши кризата пред и во Собранието, Кацарска праша какви наредби биле давани.

Сведокот на тоа рече дека не може да се сети, но рече и дека наредбите воглавно ги издавал Чавков. Понатаму тој се сети дека во кризниот штаб на МВР го видел и тогашниот министер Агим Нухиу, но на прашање од Кацарска за што разговарале со Чавков, рече дека не слушнал никаква конверзација меѓу нив.

Ова за Кацарска не беше доволно, посочувајќи го тврдењето на сведоците кои рекоа дека се наоѓале веднаш под отворените прозорци каде бил сместен кризниот штаб. Со тоа заврши сослушувањето на сведоците на Чавков.

Рочиштето денеска ќе продолжи со сослушување на сведоци на обвинетиот Душко Лазаревски. На рочиштето беше договорено Трајко Вељановски да сведочи утре.

Поврзани новости