„Во изминатите години се случија значајни поместувања во позитивна насока во делот на почитување на човековите права и пред сè маргинализираните заедници. На пример, ратификувањето на Истанбулската конвенција, Законот за спречување и заштита од дискриминација со вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, измените на Кривичниот закон за усогласување со Истанбулската конвенција, Законот против насилство врз жени и семејно насилство, изјави Санела Шкријељ пратеничка во македонското Собрание и долгогодишна активистска за правата на жените, маргинализираните заедници и лицата во ризик во интервју за „Трн.мк“.
Таа додаде дека решавањето на деценискиот проблем на лицата без документи, „фантоми“, навистина е нешто со што државата може да се гордее. Таа дополнително додаде дека со измените во законите за матична евиденција, на законите за престојувалиште и живеалиште и за лична карта со отвори патот за целосно решавање на бездржавјанството во Република Северна Македонија.
„Инклузивното образование е многу важен исчекор кој го направивме како држава кон образование засновано на човековите права и верувањето дека секое дете има право на квалитетно образование што го почитува и го поттикнува неговото достоинство и оптимален развој. Секако дека имплементацијата е полна со предизвици, од стереотипите и предрасудите на околината како во случајот на малата Ембла до потребата од инвестирање во училишната инфраструктура, доволен број на образовни асистенти, едукација на наставниот кадар и прилагодени наставни материјали. Но, останува фактот дека за првпат системски се работи на целосна промена на начинот на кој ние како општество гледаме на дечињата кои имаат различни образовни потреби и атипичен развој“, потенцираше Шкријељ.
Таа додаде дека во процедура се измени и дополнувањата во Законот за основното образование со цел регулирање на воспитно-образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи.
„Изборите во Полска и победата на партиите кои застанаа во одбрана на демократијата и човековите права, навистина се случи во клучен момент кога на сите на европско тло ни треба верба во одбрана на тие вредности пред налетот на десничарскиот популизам и конзервативизам. И таа победа се случи благодарејќи на рекордната мобилизација на две групи, младите и жените, кои порачаа дека сакаат да се чувствуваат и да бидат безбедни, да одлучуваат за себе и едноставно да живеат повторно во демократија, изјави таа.
Додаде дека радикалните десничарски движења навистина се засилија изминатите години низ цела Европа и во САД, а тоа го чувствуваме и кај нас. И секогаш таквите движења ги таргетираат токму човековите права, особено правата на жените, родовата еднаквост и “тие другите”.
„Опасноста од враќање на конзервативни закони кои ги ограничуваат особено женските права е реална и за тоа треба сите да сме свесни и будни. Во таков контекст, повеќе од било кога мораме да вложиме максимална посветеност во понатамошното градење на хумано и демократско општество, во кое ќе владее правото и ќе се почитуваат човековите права и слободи преку унапредување на еднаквоста и почитување на различностите. А, тоа ќе го направиме само доколку сите кои веруваме во човековите права и прогресот застанеме заедно и се потсетиме на важноста на солидарноста за правично и праведно општество“ потенцираше Шкријељ.