„Пандемијата ги исфрли на површина сите недоследности и празнини кои ги имавме и само ги потенцираше и зајакна. Многу влијаеше и на намалување на емпатијата и нарушување на меѓучовечките односи. Не бевме свесни колку ќе наштети на менталното здравје“ рече пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ во нејзиното гостување на утринската програма на „Слободен печат“ во соработка со „Градска.мк“.
Таа додаде дека учениците бараат пгорами со поддршка за менталното здравје, бидејќи менталното здравје и булингот ги истакнуваат како најголеми проблеми со кои се соочуваат.„Ако имате деца изложени на насилство во формативните години, а не може да најдат поддршка во училиштето, таму каде што треба да се безбедни, не може да очекувате да имаат здрави обрасни на однесување понатаму. Програмите за ментално здравје треба да станат задолжителни и законска обврска“ рече Шкриељ.
Пратеничката додаде дека треба да се работи на јакнење на емпатијата и солидарноста во општеството и да се инвестира во едукација.
„Не смее да се даваат примери на неказнивост. Кога станува збор за насилство врз жени имаме примери и ситуации со професионално постапување на институциите, но и ситуации кога насилник и по втор пат ќе изврши дело, но повторно добива условна казна“ рече Шкријељ.