Пратеничката во македонското собрание Санела Шкријељ на третиот модул Управување со време и приоритети од Програмата Иднината е феминистка што викендов се одржа во Охрид потенцираше дека најважната работа кај делегирањето задачи е довербата, а крајната цел е да се научи како да се управува со важни задачи пред тие да станат итни.
-Многу често се случува да ни излезат задачи коишто не сме ги планирале, а наша обврска е да треба веднаш да дејствуваме. Ова е проблем доколку ни се случува секој ден и затоа потребно е да научиме да ја правиме разликата од важно, неважно до итно. Тоа што е важно многу ретко е итно и тоа што е итно многу ретко е важно. Идејата е да научиме да ја забележуваме разликата меѓу итни и важни работи, и полесно да избереме што ќе правиме во одреден момент. Ова ќе ни помогне да го разгледаме долгорочното влијание на реализацијата на одредена задача и на тој начин да одлучиме дали ќе ја извршиме задачата во тој момент, подоцна или ќе делегираме. Но, во одредени случаи треба да се соочиме да кажеме и не на работи што ниту се важни, ниту пак итни, изјави Шкријељ.
Таа, посочи дека истражувањата покажуваат дека жените се и многу поодговорни како лидерки и се помалку подложни на корупција.
-Не можеме да зборуваме за оддржлив развој ниту за праведно општество доколку жените не се подеднакво присутни во процесите на одлучување и управување и во јавниот и во приватниот сектор и имаат еднаков пристап до сите ресурси во општеството. Вакви програми за јакнење на женското лидерство се навистина значајни, затоа што истражувањата покажуваат дека жените се и многу поодговорни како лидерки и се помалку подложни на корупција. Родовата еднаквост не смее да биде само слоган, туку мораме да ја направиме реалност за секоја една во нашето општество, изјави Шкријељ.