Или изборите ќе се оддржат на 21 јуни, или ќе се продолжи вонредната состојба, за да се дојде до нов датум за избори. Трето решение нема, дециден е професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.
-Ако нема договор изборите да се оддржат на 21 јуни, односно 22 дена по завршување на вонредната состојба, претседателот Стево Пендаровски ќе мора да прогласи нова вонредна состојба, кој ќе биде врзана за оддржување на изборите, вели Шкариќ за „Фокус“.
Професорот појаснува дека Уредбата за изборите е јасна, односно тие да се оддржат во рок од 22 дена од завршување на вонредната состојба.
-Нема опција за носење на нова уредба, а постоечката не може ниту да ја оценува Уставниот суд, бидејќи тој треба да ја оценува уставноста, а не законитоста на уредбите кои се со законска сила, појаснува Шкариќ.
Изборите беа распишани на 16 февруари, и требаше да се оддржат во Уставниот рок од 60 дена. Но со прогласување на вонредната состојба, рокот според власта се замрзна, и продолжува да тече по завршување на вонредната состојба. Владата на 22 март ја донесе уредбата за изборите. Во член 5 пишува:
„Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки“.
Во сабота истекнуваат последните 14 дена од третото продолжување на вонредната состојба. Тогаш ќе мора да се пресече или ново продолжување, за нови 7, 14 дена, во зависност од договорот кој ќе падне меѓу политичките партии за датумот за избори, или изборите ќе се оддржат на 21 јуни.
Проблемот настана што овој датум е неприфатлив за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката ДУИ, пак, сега го преферираат 5 јули како датум за гласање. За да се оддржат изборите на овој датум, ќе биде потребно продолжување од нови 14 дена на вонредната состојба.
Во наредните два дена Владата ќе треба да одлучи дали ќе предложи нова вонредна состојба, а потоа топката ќе биде префрлена кај претседателот Пендаровски.
Валентина Вурмо