По четири години судска голгота, Мирослав Шиповиќ, заедно со уште единаесетмина кои беа обвинети во случајот „Претседавач“ денеска ја дочекаа својата правда, односно обвинителството го повлече обвинението кое беше поднесено против нив.
Шиповиќ вели дека се израдувале на одлуката која денеска ја слушнаа во судница, иако како што изјави за „Фокус“, никогаш од сеќавањето нема да можат да го избришат она што го преживеја, односно осумина поминаа осум месеци во притвор.
-Сето тоа што се случи нема да можам никогаш да го заборавам, но сепак ќе кажам дека сме среќни што конечно обвинителството смогна сила и доблест и го повлече обвинението. Верувајте, да добиевме ослободителна пресуда, тоа немаше да биде правда за нас, туку само во обзир доаѓаше повлекување на обвинението, изјави Шиповиќ за Фокус.
Јавното обвинителство денеска го повлече обвинителниот акт за сите обвинети во предметот наречен „Претседавач“, а судечкиот совет, во кој се судијките Џенета Бектовиќ и Сандра Крстиќ, само го констатираа она што беше соопштено од Обвинителот.
Обвинението за овој случај беше подигнато во 2013 година, набрзо откако ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби локалната власт во Општина Центар, со што СДСМ го изгуби мнозинството во советот.
Обвинетите се товареа дека со неплатен данок ја оштетиле државата за 17 милиони денари, а дека „Машинопромет“ бил оштетен за 64.281.043 денари.
В.В.