Како што знаете, системот што се применува на сите преговори за проширување на ЕУ е принципот „регата“. Како и кај регатите на море, секој плови во исто време, но крајот и целта зависи од способноста и вештината на капетанот и екипажот, временските услови, условите на морето, така што нема услов сите да започнат и да завршат во исто време. Системот „регата“ значи, оние земји подготвени да ги исполнат барањата за проширување во однос на 35-те преговарачки поглавја, кога ќе се подготват – влезат.
Толку е едноставно. Нема ветувања или услов за колективно проширување со сите. Правилата се исти, тие важат за сите, а кога се држиш до нив, ќе се придружиш, вели потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас во интервју за „Bg on AIR“ за проширувањето на ЕУ и шансите за влез на С. Македонија.
На прашањето дали доколку нашата земја не ги изгласа измените во Уставот и не ги вклучи Бугарите во него, што е договорен предуслов според европската преговарачка рамка, дали Албанија ќе продолжи сама на патот на европските преговори, Схинас одговорил:
Република Северна Македонија веќе еднаш го измени својот Устав – за името на државата, за да го уважи Договорот од Преспа. И сега повторно предложија нови уставни измени за да го спроведат она што беше договорено со Бугарија. Она што останува е гласањето во Парламентот на Северна Македонија, што одговара на договореното. Не сакам да прејудицирам што ќе се случи.
Брисел и комесарите не треба да се мешаат во уставните и политичките работи ниту на земјите-членки, ниту на потенцијалните земји-членки. Но, овој процес, како што јас го разбирам, е во тек на имплементација, не е нешто што е запрено или напуштено. Уверен сум дека Северна Македонија ќе го преземе овој одлучувачки чекор неопходен за почеток на преговорите.
И ако го сторат, ќе имаат можности за преговори и членство. И во случајот со Албанија има многу барања што нашите пријатели Албанци треба да ги исполнат“.