Обвинетиот од настаните од 27 април минатата година, Михаил Младеновски, на денешното судење истакна дека автомобилите на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и универзитетскиот професор, Љубомир Фрчкоски требало да бидат „кренати во воздух“, по изборите во 2016 година.
Градоначалникот Шилегов во изјава за „Фокус“ додаде дека воопшто не е изненаден од ваквото признание, со оглед на заканите што ги добивале од претходната владејачка гарнитура.
„Ние изгледа брзо заборавивме со кого си имавме работа до пред некое време. Фашизоидното владеење на ВМРО-ДПМНЕ не натера да живееме во страв. Тоа не се нови информации. Јас и додека бев во раководството на СДСМ ги имав тие закани, кои беа сериозни и фактички. Знаете дека ни доаѓаа пред куќа, ни ги чкртаа домовите. Но, полека се откриваат обвинетите, а со самото бегство на екс-премиерот Никола Груевски, се покажува дека тој знаел што прави“, ни изјави Шилегов.