Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ја критикува неажурноста на јавнотото обвинителство и на судовите во случајот „Рекет“. Според него недостасувала брзина во водењето на истрагата за аферата која предизвика потреси на политичката сцена.
-Очекувам што е можно побргу обвинителството да ја заврши истрагата, ако има инволвирани или има сознанија, но не е мое да се мешам. Сум човек кој откако е влезен во политиката се залага за владеење на правото. Мене ако ме прашате веројатно ќе мораше малку поинтензивно да си ја работат својата работа и јавното обвинителство и судовите. Ние како дел од извршната или локална власт, непринципиелно е да очекувате дека градоначалник, или претседател на Влада или министер за внатрешни работи некого да затвора, тоа е работа на јавните обвинителства и на судовите – изјави Шилегов за ТВ Алфа.
Шилегов вели дека како адвокат е незадоволен од работата на обвинителството и на судовите.
-За жал мојата констатација и како адвокат е дека не до крај одговорно и не до крај совесно ја завршија работата судовите во нашата држава и тука најверојатно треба да подразмисли секој од нас. Она што најмалку очекуваме е коректен однос и професионалност кон работата. Такво ниво во системите на јавното обвинителство и судството мислам дека до сега немаме постигнато. Крајно време е судството да ја сфати тежината на својата работа и конечно да почне да владее правото во нашата држава – вели тој.
На прашање од новинарот дали се има фотографирано со првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски, Шилегов вели дека најверојатно има фотографија и со самиот новинар.
-Во јавниот живот во нашата држава политичарите се најекспонирани и со секакви луѓе се сликаме. Со Бојан Јовановски мислам дека имам една слика која беше на отворањето на 1ТВ, но не гледам дека фотографија со било кого дека може да биде индиција за било што – посочува тој.