Шилегов за паркингот кај Клинички: Не може едни да плаќаат 800 а други 350 денари

by fokus

Градот Скопје се обиде да исправи неправда. Ја воедначи цената на паркингот на Клиничкиот центар со другите паркинг зони околу кои гравитираат други институции.

Градот не би се однесувал подеднакво кон своите граѓани ако на едно место дава услуга за 800 денари, а на друго за 350, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, одговорајќи на новинарски прашања.

Шилегов истакна дека во Клиничкиот центар мора да се пробијат нови сообраќајни решенија за Брзата помош лесно да доаѓа до клиниките, наместо да чека ред со другите возила, а на две места на паркингот на Клинички центар треба да се изградат монтажни катни гаражи со што ќе се зголеми каацитетот за повеќе од 350 нови паркинг места.

-На паркингот кај „Нова Македонија“ луѓето плаќаат по 800 денари, а во катната гаража „Беко“ вработените во министерствата за финансии и за правда плаќаат по 1.000 денари. Ја воедначивме цената на услугите, а зошто некој во дадена фаза решил концептот на сообраќај на Клинички центар да го уништи давајќи 1.500 месечни карти за 670 паркинг места без да го зголеми капацитетот за непречен пристап на возила, не можам јас да кажам. Тоа се одлуки на претходната власт. Она што сакаме е да исправиме неправда кон останатите граѓани, од една страна, а од друга, да најдеме доволно средства за изградба на двете монтажни катни гаражни, рече Шилегов по националната конференција за децентрализација.

25 денари за час, колку што изнесува паркингот, се доволни само за манипулативните трошоци на Градски паркинг – Скопје.

-Не можам да дозволам како градоначалник да го доведам јавното претпријатие во финансиски колапс со изградба на нови капацитети од кои не може да се оствари барем минимален кост-бенефит, појасни Шилегов.

За тоа кој ќе управува со паркингот, во тек се, рече, разговорите. – Немаме ниту претензија, ниту илузија дека таму треба да останеме. Ако Клиничкиот центар одлучи тоа да го направи, Градот нема ништо против, подвлече скопскиот градоначалник.

Поврзани новости