„Тројца градоначалници на општина Кочани се обвинети во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, иако тие се „ни криви ни дужни“ и немаат никаква јурисдикција над издавањето на спорните лиценци“.
Ова вечерва во тв гостување го изјави адвокатот Петре Шилегов кој предупредува дека обвинението е поставено надвор од здравата логика и правната наука.
Шилегов појасни дека првите луѓе на општините немаат никаква законска обврска или моќ околу овој процес.
„Во опис и попис на работните места на тие луѓе никаде не постои издавање на лиценца или контрола на лиценцата“, рече Шилегов.
„Не можете луѓе коишто работеле во државната администрација во процесот на издавање на лиценците на кабарето да ги обвините дека го предизвикале, односно подметнале пожарот“, појасни Шилегов.
Рече дека доколку постојат сомнежи за незаконско работење при издавањето на документацијата, тие лица треба евентуално да се гонат за други кривични дела како злоупотреба на службената должност или примање мито, но никако за „предизвикување општа опасност“ за што се обвинети.