Шилегов: Стопиравме изградба на 95 барокни фасади

by fokus

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на денешната прес конференција по повод 100 стапување на функцијата, рече дека новата градска администрација ја стопирала изградбата на 95 фасади, кои требаше да добијат нов барокен лик и со пренамена на средствата кои беа предвидени за Скопје 2014, започнаа интензивни активности и подготовки за реконструкција на сите средни училишта, истите да добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија.

Шилегов додаде дека во првите денови од мандатот, беше започната есенска акција за зазеленување на Скопје, во која што беа засадени 615 нови дрвја низ различни локации во градот. Акцијата за зазеленување на Скопје ќе продолжи и на пролет, кога е планирано да се засадат повеќе од 4000 садници.

-Тројно го зголемивме буџетот за заштита на животната средина, кој за 2018-та година изнесува 141 милиони денари, што претставува речиси трипати повеќе од ребалансот на буџетот од 2017-та година, којшто за овој сектор предвиде само 48 милиони денари. Ја организиравме најголемата акција за чистење на Скопје, што беше дел од краткорочните мерки против загадувањето со која беа отстранети околу 3.000 кубни метри смет од улиците и јавните површини во градот. Во оваа акција, освен јавните градски претпријатија беа ангажирани неколку стотици лица, баратели на работа преку Агенцијата за вработување на РМ, рече Шилегов.

 

Поврзани новости