„Неажурноста, скандалозното и противправно одложување на притворите до правосилноста на решенијата за притвор и другите преседани во работата на судовите, особено по предметите на Специјалното јавно обвинителство, им овозможија на лицата Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети за тешки кривични дела, да избегнат соочување со правдата“, обвини Петре Шилегов, потпретседател на СДСМ.
Бегството на Грујовски и Бошковски, според Шилегов, е доказ за нивниот страв од соочување со правдата и ги потврдува основаните сомненија за нивната вмешаност во делата за кои се товарат. Тој додава дека со ова се остава простор за другите обвинети во случаите што ги води СЈО а за кои, наместо притвор, се донесени мерки на претпазливост, во секој момент да избегаат.
Срамното и криминално работење на Апелацискиот суд во Скопје и Врховниот суд, рече тој, само ги потврди тврдењата на СДСМ дека дел од судството работи под партиска контрола и единствено во функција за заштита на криминалците.