Откако скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека Градот Скопје сам го финансирал Кружниот тек во Чаир, реагираше градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, кој истакна дека жителите на оваа општина имаат значаен придонес во полнење на градскиот буџет.
„Општина Чаир преку даноци и придонеси на граѓаните го има наполнето буџетот на институцијата која ја водите со вкупно 1.864.901 евра во 2018 година, со 2.533.409 евра во 2019 година и до мај во оваа година со околу 585.015 евра. Па така, каква е таа раскажана сторија од ваша страна денес дека Општина Чаир го нема финансирано овој проект, па дури и се чудите со нашиот искажан ентузијазам за кружниот тек во Чаир, кој проект иако беше предвиден да заврши со буџетот од првата година на вашето владеење, денес доаѓа задоцнет после три години па затоа дури и се чувствувате горди“, стои во реакцијата на Ганиу до Шилегов.
Тој додава дека ексклузивноста на заслугата за овој и секој друг проект им припаѓа само на граѓаните на оваа држава како редовни даночни обврзници.
„Ние ја разбираме вашата вознемиреност на прагот на предизборната кампања, меѓутоа да останете со крената глава пред фактите кои ве прават должник кон граѓаните и Општина Чаир, е навистина за жалење. И покрај нашите настојувања и барања за реализација на повеќе проекти, сте се покажале незаинтересиран, почнувајќи ги истите па потоа игнорирајќи ги, а овој факт најмногу зборува за вашиот концепт „Едно општество за сите” позади кој претендирате дека сте ангажирани“, порачува чаирскиот градоначалник.
Инаку, Шилегов денес изјави дека вчера официјално заврши техничкиот прием и означување на кружниот тек што се наоѓа во Чаир на улицата „Кемал Сејфула“, чија изградбата траеше изминативе неколку месеци, а вредноста изнесува 20 милиони денари.
-Станува збор за инвестиција која ќе овозможи на граѓаните од овој дел на градот поголема безбедност во сообраќајот имајќи предвид дека во непосредна близина на овој кружен тек се наоѓа основното училиште „Петар Здравковски Пенко“, средното училиште „Арсени Јаков“ и поликилината Чаир, што самата оваа поранешна раскрсница, а сега кружен тек, го правеше сериозно и прометен и небезбеден за граѓаните – рече Шилегов.
Според него, инвестирањето на северниот дел од градот во инфраструктурата е многу важен за развојот на самиот град и за обезбедување соодветни услови за живот на граѓаните.