Теарце гласаше за промени, за живот во Македонија. Неговите жители излегоа храбро, достоинствено и кажаа дека е доста и дека бараат одговорни институции и одговорна влада, изјави вечерва Петре Шилегов, носителот на кандидатската листа на СДСМ за Избирачката единица 6, од Теарце.
Тој рече дека пораката и на теарчани е дека ќе има нова влада, влада за демократски промени во Македонија.
„Тука гласањето беше повеќе симболично. Разликата од стотина гласа во корист на СДСМ покажа дека ова е последен пат некој со криминално-подземни методи да може да го извитоперува гласањето. Новата влада ќе ја составува СДСМ. Груевски рекол- Груевски порекол. Тој рече и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го бојкотира прегласувањето, па гледаме дека излегоа. Зборот на Груевски веќе не значи ништо во политиката, Груевски е минато во политиката“, рече Шилегов.