Со гордост можам да кажам дека денес е објавен тендерот за реализација на Бас Рапид Tранзит системот. Со ова правиме крупен чекор напред кон изведба на современ, еколошки, брз и ефикасен јавен превоз. За само четири години, успеавме да го реализираме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот согласно условите кои ги овозможува денешното Скопје, со овие зборови градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ја започна денешната прес-конференција.
– Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ систем, што не е само успех за градот туку и целата држава. Добиваме јавен транспорт по пример на светските метрополи кој е прогласен за најеколошки проект од страна ЕБРД. Ефикасноста и исплатливоста на оваа инвестиција за Скопје е потврдена од низа домашни и меѓународни експерти кои се вклучени од самиот почеток во реализација на идејата. На решението работеа најреномираните експерти од нашите универзитети во Скопје и Битола, Белград, Лондон и Брисел. Важно е да се нагласи дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект, се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, каде Скопје е член од 2019 година, нагласи Шилегов.
– Би сакал да ги претставам клучните предности и придобивки кои скопјани ќе ги имаат оваа инвестиција и што таа ќе значи за квалитетот на животот и животната средина. Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминали, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 на ден, додаде Шилегов.
– Со имплементација на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се преполови. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути. Автобуси ќе има на секои 3 до 4 минути по примерот на метро превозот. Бидејќи БРТ функционира во посебна траса, независна и непречена од другиот сообраќај, превозот е исклучително точен и навремен како и самиот метро превоз. Патниците точно знаат во која минута пристигнува автобусот и во која минута од часот стигаат на посакуваната дестинација. Автобусите ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри, продолжува Шилегов.
– Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен што ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и индиректно ќе го намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Сите други автобуси и линии во Скопје ќе се поврзуваат со БРТ системот по примерот на светските метрополи. Патниците од подалечните места ќе имаат линија која ќе ги носи и спојува со БРТ за целосно поврзана и ефикасна мрежа за транспорт, изјави Шилегов.
– Се радувам што ова на некој начин е верификација на еколошките политики коишто ги креираме како градска администрација и што после неколку децении конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за градот. Остануваме и понатаму посветени не само на унапредување на одржливата урбана мобилност во градот која е своевидна гаранција и за урбаниот развој на градот и генералното унапредување на квалитетот на живот на нашите сограѓани, порача Шилегов.
– Ова е разликата меѓу одговорно управување со градот, планско работење кое значи вистинска промена на квалитетот на јавниот транспорт. Ова е целосно спротивно на голиот популизам и нереалните проекти кој ни ги продаваат Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ од другата страна. Вака се работи во интерес на скопјани, вака се прават темелни промени кои му се потребни на Скопје, вака се работи за младите да останат во овој град. Скопје за четири години од сега ќе биде сосема ново место за живеење, еколошки чисто, без метеж во сообраќајот со најголемата пешачка зона во светот, заклучи градоначалникот Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.