Шилегов почнува да го реализира Трамвајот на тркала, прва фаза Ѓорче-Лисиче

by Fokus

Пратениците во петокот го изгласаа законот за задолжување кај Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за воведување трамвај на тркала во Скопје. Со тоа, по неколку месечна собраниска процедура Град Скопје конечно може да почне со имплементација на проектот за воведување брз автобуски превоз (БРТ). Заемот од ЕБРД ќе биде 70 милиони евра, а како што вели градоначалникот Петре Шилегов, наскоро Владата ќе го потпише договорот за задолжување.

-Откако Собранието го усвои законот за задолжување, наголемо се отвара вратата Скопје конечно да добие современ и добро организиран јавен превоз. Очекувам дека во најкраток можен рок ќе се потпише договорот помеѓу Владата и ЕБРД, со што и формално ќе се создадат можностите да започнат постапките за набавка и имплементација на брзиот автобуски превоз. Екипи на Градот и ЈСП ‘Скопје‘ и досега работеа на подготовка на техничката документација. Со потпишувањето на договорот се создаваат и формални можности да дојдат консултантите на ЕБРД кои треба да ја доработат техничката документација, со што би се распишале и постапките за набавка, кои ќе ги води банката, вели Шилегов.

Идејното сообраќајно решение е веќе изработено од стручњаци од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел. Шилегов вели дека тоа решение ќе претставува основ за тендерската документација.

-Моите очекувања се дека до крајот на јуни ќе се создадат можностите да се распише тендерот. Важно е да се напомене дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект и се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, каде Скопје е член. За мене и за Скопје е важно што е ова верификација на еколошките политики кои што ги креира Градот и што после 40 години конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за градот, вели Шилегов.

Проектот „Воведување брз автобуски превоз во Град Скопје“ опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода, намалување на времетраењето на превозот на патниците и намалување на загадувањето на воздухот.

Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминали, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 на ден. Со имплементција на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на 3-4 минути. Автобусите ќе бидат со хибрид на гас и со должина од 18 метри. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.

Поврзани новости