Со прскањето против комарци не се доцнеше и потребно е да бидат исполнети определени временски услови за да дејствува средството врз комарците. Тоа се најмалку три сушни денови пред прскањето и најмалку два потоа, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во интервју за МИА.
Тој појаснува дека авионите биле сменети за прскањето да биде што е можно побезбедно за граѓаните. До лани, вели Шилегов, градот прскал со руски авион произведен во 1926 година, едномоторен.
-Да пуштиш 90 години стар авион да лета над Скопје, а со еден мотор, за мене е малку неодговорно. Особено ги имам предвид упатствата кои се дадени од ЕК или европскиот стандард, каде прелет над населено место на едномоторни воздухоплови не е дозволено. Тоа е во функција на зголемување на безбедноста. Тоа е единствената новина, што ги сменивме авионите. Овие се и побезбедни, потивки, помодерни од тие претходно што беа користени.Во врнежливиот период сепак успеавме да најдеме два термина во кои беше извршено прскањето. Првото беше од 5 до 8 јули, а второто од 16 до 20 јули. Не сме излегле надвор од рутината, од веќе утврдената постапка на Град Скопје и надлежните институции на државно ниво, од протоколите за тоа како се третираат комарците во Скопје – додава тој.
Според Ѓилегов големата влажност и зелената вегетација на почетокот на летото придонесоа кога дојде до нагло затоплување, по 1 август па наваму, да дојде до масовна појава на комарците.
-Поради тоа, пак, го зголемивме интензитетот на прскањето во текот на изминатиот викенд. Се прскаше четири дена и веќе проблемот со комарците во Скопје не е на толкаво ниво. Не велам дека ги нема, комарци секогаш ќе има, но не е како масовна појава – вели градоначалникот.
Тој додава дека јавните претпријатија ги затекнал во лоша финансиска состојба и слаба опеременост.
-Наследивме само шест цистерни за миење улици во ЈП „Комунална хигиена“, кои се недоволни. Порано 48 цистерни го имаат чистено овој град. Затоа многу често велам дека Скопје во изминативе триесет години било третирано како несакано дете. Од 48 цистерни за миење на скопските улици да ја доведете „Комунална хигиена“ како јавно претпријатие на шест, некогаш навистина се чудам што работеле луѓето кои пред мене ја извршувале функцијата градоначалник во последните 30 години – посочува Шилегов.
На прашање до каде е изградбата на Луна паркот, градоначалникот вели:
-Луна паркот беше срушен и се набавени само седум реквизити. Оваа сезона немаме луна парк и јас размислувам за целосно нов концепт на луна парк, тоа би било партнерство на градот со заинтересиран понудувач доколку не успееме да дојдеме до таа позиција тогаш ќе го модифицираме постојниот проект на луна паркот и за наредната сезона скопјани да можат да имаат луна парк. Преку еден милион евра градот има потрошено на партерно уредување на постојната локација, ако не успееме да го направиме на партнерски однос тогаш поради почитта кон парите на граѓаните ќе мора да имплементираме нешто на постојната локација – посочува тој.