Постапката за легализација на стационарот „Вардариште“, кој е дивоградба, е пред општина Гази Баба и кога ќе заврши ќе можеме да почнеме со негова реконструкција, реновирање и зголемување на капацитетот.
Ова денеска го истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој рече дека претходната градска администрација не изготвила регистар на домашни миленичиња со што би го спречила механичкиот прилив на кучиња скитници на улиците на градот, а стационарот кој го изградила е целосна дивоградба и не задоволува каков било стандард за третман на кучиња скитници.
– За овие 10 месеци овие кучиња не се накотија во овој град. Зборуваме за проблем кој е стар можеби повеќе децении. Како градска администрација најпрво го отворивме стационарот за да можат и граѓаните да ги видат условите каде се згрижуваат кучињата скитници, формиравме заедничка комисија со невладините организации по основ на која во Советот на Град Скопје беше усвоена програма за згрижување по која работиме, посочи Шилегов по посетата на СУГС „Јоспи Броз Тито“.
Појасни дека во исто време во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство ја завршиле постапката за увоз на околу 300.000 чипови со кои сопствениците на домашни миленици согласно законските обврски кои ги имаат ќе можат за евтини средства да ги чипираат своите домашни миленици.
– Сето ова некој требало да го направи десеттина години наназад откако важат овие законски прописи. Наместо тоа лицемерно се обидува да се наметне во јавноста тема дека некој не се грижи за кучињата скитници. Ако веќе ги знаеја чекорите, а тоа се овие кои ги зборувам, од опозицијата наместо да излегуваат на прес-конференции и да прозиваат нека се прашаат што правеа во изминативе 12 години кога во овој град ја имаа апсолутната власт. Зошто не го решија тој проблем, а сега како наследен проблем го наметнуваат како едно од фундаменталните прашања во нашиот град, рече Шилегов.
Додаде дека градската администрација работи за изнаоѓање и имплементирање на системско решение со кое на среден рок градот Скопје ќе нема проблеми со кучињата скитници, додаде Шилегов.