Криењето на сопствената неспособност зад Обама, не е ништо друго освен потврда на тоталната неспособност да се справите со вистинските проблеми на граѓаните. Особено во Чаир, коментираше синоќа на фејсбук скопскиот градоначалник Петре Шилегов, набрзо откако на скопско Кале осамна светлечката реклама на ДУИ за прв премиер етнички Албанец во Северна Македонија.
Шилегов, синоќа имаше преписка на социјалните мрежи со Изет Меџити, претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир и поранешен градоначалник на оваа општина.
По негативната реакција на Шилегов за осветлувањето на скопското Кале од страна на ДУИ, Меџити лично го испровоцира со пораката „Зошто да не“, девизата на ДУИ со која бара прв премиер Албанец на Македонија.
-Ако Барак Обама може да стане претседател на државата, зошто Албанец може да стане Премиер во РМВ? Дали е ова општество за сите како што се тврди? Зошто да не , господине Шилегов?“, напиша Меџити на својот профил.
Скопскиот градоначалник не додржа и на ова одговори со негативен коментар за работата на Меџити како поранешен градоначалник на Чаир.
-Криењето на сопствената неспособност зад Обама, не е ништо друго освен потврда на тоталната неспособност да се справите со вистинските проблеми на граѓаните. Особено во Чаир. Не им зборувајте за Обама. Зборувајте им за неасфалтираните улици, немањето водовод и канализација. Субстандардните услови на живеење. Во 21 век. Во општина што “обамовски” ја водевте и ја водите. Евтини се приказните. Па макар и Обама да ги “раскажува, возврати Шилегов.
На локалните избори во 2017 година, Шилегов беше избран за градоначалник на Скопје, во првиот изборен круг, како заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ. Двете владејачки партии тогаш настапија со заеднички кандидати за градоначалнициво етнички мешаните општини, но со посебни листи за советници. Во Чаир, пак, СДСМ го поддржа сегашниот градоначалник од редовите на ДУИ Висар Ганиу.
СДСМ и ДУИ настапија со зеаднички кандидат, Стево Пендаровски и на ланските претседателски избори, ама патиштата им се разделија пред годинешниве парламентарни избори. СДСМ влезе во колаиција со опозициската Беса, а ДУИ се одлучи за самостоен настап, така што деновиве води кампања за прв премиер Албанец во земјава.