Ниту се зборувало, ниту се одлучувало, ниту пак сум размислувал за било какво напуштање на Собранието и било какво друго кандидирање за било каква функција.
Ова го напиша на неговиот фејсбук профил пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов, откако се појавија информации и медиумски написи дека е можен кандидат за градоначалник на СДСМ во Скопје.
„Постапките во СДСМ за кандидирање за градоначалници се во тек. Било какви натписи за мене во врска со таа тема, се во доменот на шпекулација“, напиша Шилегов на фејсбук.
Порталот „Сакам да кажам“, пак, објави дека Шилегов им изјавил дека размислува да се повлече од пратеничката функција и да се кандидира во партијата за градоначалник на Скопје.
– Таа функција актуелниот градоначалник Коце Трајановски ја сведе на вршител на комунални дејности, а тоа е, всушност, многу висока, сериозна и одговорна политичка функција. Сè уште размислувам – рекол Шилегов, објави СДК.