Од понеделник ќе се врши терестрична дезинсекција на подрачјето на Градот Скопје против возрасни форми на комарци. Оваа дезинсекција ќе почне на 31 август и ќе заврши најдоцна до петок, 4 септември. Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, прскањето ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни.
Како што истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешниот брифинг со новинарите, годинава е прскано во пет наврати. Секое прскање со хемија е штетно, и поради тоа посочи дека не може да се врши толку често.
Според него, годинашната експанзија на комарци во август се должи на највлажниот август во изминативе 50 години. Проблемот е регионален и треба да се вклучат сите засегнати страни.
– Претходно немавме проблем до толкава мера. Сепак мора најмалку десет дена да поминат додека повторно да се изврши прскање против комарците поради тоа е што е штетно за здравјето на луѓето. Сепак, очекувањата се дека конечно ќе се реши проблемот, рече Шилегов.