Во генералниот урбанистички план, кој се подготвува и ќе се усвојува во 2022 година, воведува хуманизација на просторот и нема да има ознака за изградба на капацитети на тешката индустрија, најави кандидатот за градоначалник на СДСМ Петре Шилегов.
-Железарница и Цементарница на пример ќе мора да се иселат и тоа е зборувано со нивниот менаџмент. Тоа ќе биде сложена операција, сериозен процес за дислокација на тие капацитети, но градот мора да се хуманизира – рече Шилегов.
Тој додаде дека на Скопје му се случила бетонизација, бидејќи граѓаните не биле вклучени во процесите на носење одлуки.
-Тука е корпусот од каде јас ја очекувам поддршката и мислам дека и членството на СДСМ ќе се подразбуди, како и луѓето што не сакаат државата да се враќа назад и невладините организации – истакна Шилегов.
Според него, не се прави ефикасен јавен превоз со купување автобуси.
-Автобиски линии Скопје има и сега, ефикасноста на еден јавен транспорт не зависи од бројот на автобуси, ниту од бројот на линии, туку од неговата организираност во систем – рече Шилегов.
Воедно, тој посочи дека како градска власт имплементирала развој на инфраструктура.
-Четирите булевари што се изградија се дел од тоа решение, го изградивме булеварот АСНОМ, мостот сега се гради од АСНОМ од сајмиште кон мостот и де факто е пробеин коридорот покрај Малиот ринг во правец од Аеродром од Карпош, од друга страна е тунелот кај Лимак, кој кога станав градоначалник освен продадена земја на Лимак, немаше ништо, за 8 месеци ја уредивме целата документација и сега се готови 300 од 750 метри – рече Шилегов.