Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов очекува судот наскоро да донесе одлука во врска со јавното приватно партнерство во депонијата Дрисла, по што ќе се знае како Градот ќе постапи во иднина, односно дали ќе спроведе нова постапка за избор на партнер или со оној за кој судот одлучил дека треба да биде партнер ќе го забрза процесот на изградба на нова современа депонија.
– Очекувам судот многу наскоро да донесе одлука. Градот и јас како градоначалник или ќе спроведам нова постапка или со она што судот го има избрано како променет партнер ќе го забрзам процесот на изградба на современа депонија во градот Скопје, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на електричниот автобус.
Досега, рече скопскиот градоначалник, Скопје требаше да има изградено капацитет каде ќе се вршеше селекција на отпадот, ќе имаше политика на селекција и ќе имавме постројка која ќе го гори, а Скопје ќе ја користеше енергијата од тоа.
– Миризбата од Дрисла досега ќе ја немаше ако го немавме криминалното јавно приватно партнерство што мојот претходник и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Советот трипати го бираше и покрај судските одлуки, рече Шилегов.
Додаде дека мотив за таквиот избор на партнер најверојатно биле и честите патувања во Италија на дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и претходниот градоначалник.