Шилегов: Куќата ја реновирам согласно законските прописи, ВМРО-ДПМНЕ води црна кампања

by fokus

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, денеска ги демантираше обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, според кои наводно градел дивоградба на местото на неговата куќа. Куќата, како што тврди Шилегов, ја наследил од неговиот покоен татко и истата ја реконструира согласно сите законски прописи. Обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ ги нарече бескрупулозни лаги кои се дел од црна кампања која се води против него во пресрет на локалните избори со цел негово компромитирање.

-Јас уште во јуни најавив дека како ќе се ближи кампањата така ќе бидеме сведоци на разно разни искажани работи што се поврзани за мене. И така е во изминативе 8 години. Секогаш кога немаат со што да се спротивстават на политиките кои што ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје влегуваат во бескрупулозни лаги и црна кампања со цел да ме компромитираат мене и моето семејство. Дозволете да искажам благодарност и извинување до моето семејство што успеваме сите заедно сплотени да ја трпиме оваа црна кампања за која сум свесен дека нема да престане, без оглед на фактите.

Поминаа две недели откако Мицкоски и Коце Трајановски застанаа зад независен кандидат за градоначалник. Не успеав ништо да слушнам поврзано со Скопје. За политиките што планираат да ги креираат за Скопје, политиките што треба да донесат поквалитетен живот во нашиот град. Знам дека тоа не им е едноставно. Затоа што во изминативе 4 години завршивме еден мост, а градиме втор, изградивме 4 булевари, преку 110 километри велосипедски патеки, ја вративме „Дрисла“ од криминалната приватизација, со стационарот „Лајка“ почнавме суштински да го решаваме проблемот со кучињата скитници, зеленилото е и тоа како видливо. Станува збор за истите луѓе кои потрошија 680 милиони евра во еден километар квадратен и кои бескрупулозно го уништуваа нашиот град. Зашто немаат одговор на политиките што ги креирав јас како градоначалник заедно со вас граѓаните на Скопје. Затоа ќе разговараат исклучиво за црна кампања, за фасади, за стиропори

Јас сум човек којшто достоинствено ќе го истрпи сево ова. Впрочем, зошто ни е политиката, ако ја загубиме човечноста. Драги мои скопјани, јас сум вашиот градоначалник и убеден сум дека тоа го знаете и го препознавате, и во оваа кампања од мене ќе слушате само како ќе ги решаваме проблемите кои што тие луѓе ни ги наталожија. Ќе победиме и на овие избори и ќе продолжиме заедно да го градиме Скопје како една поинаква приказна, Скопје како што сите го сакаме, Скопје како што сите го замислуваме, истакна Шилегов.

Поврзани новости