Шилегов и Каминис со заедничка колумна: Треба да имаме разбирање и за стравот на граѓаните

by fokus

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис напишаа заедничка колумна која ќе биде објавена утре во весниците „Слободен печат“ и грчкиот дневен весник „Ta Nea“.

-Во текот на изминатите неколку недели беа направени важни чекори и беше направен моментум за решавање на спорот кој ги дели нашите држави со децении. Ова кулминираше со неодамнешниот конструктивен состанок помеѓу двајцата премиери во Давос, што доведе до изрази на надеж и охрабрување кај нашите народи дека оваа историска можност нема да се пропушти повторно. Ние, како градоначалници на главните градови на двете земји, ги здружуваме нашите гласови и го поддржуваме процесот што мора да води кон остварливо решение, а не кон ново разочарување, посочија Шилегов и Каминис во колумната.

Двајцата градоначалници го изнесоа своето разбирање дека активирањето на преговорите создава стравови и несигурност кај големи делови од населението во двете земји, и дека таквите негативни чувства и грижи треба да се почитуваат, внимателно да се решаваат и да не се игнорираат.

-Не смееме да дозволиме националистичките гласови во двете страни да ги искористат овие чувства во обидот да го загрозат конечниот договор и повторно да ја утврдат нашата судбина и нашата заедничка иднина, не само како соседи туку и како европски граѓани, пишуваат Шилегов и Каминис.

На крајот од колумната тие додаваат дека како градоначалници на главните градови, решиле да го отворат патот кон поблиска соработка и силно ги охрабруваат нивните национални влади да го вложат тој дополнителен напор потребен за да не се пропушти новата можност и да се постигне договор кој им служи на основните интереси на двете земји и гарантира подобра иднина за сите нивни сограѓани.

 

Поврзани новости