Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ Петре Шилегов и кандидатот за градоначалник на општина Карпош од таа партија Стефан Богоев, како и кандидатите за советници и нивните тимови симболично од кејот на Вардар, денеска ја започнаа изборната кампања.
Шилегов истакна дека во оваа кампања ќе понудат сосема поинаков пристап и визија за тоа какво треба да биде Скопје.
– Ќе градиме инфраструктура заедно со вас и ќе го направиме сообраќајот во Скопје безбеден затоа што сообраќај не подразбира само улици, сообраќај подразбира и пешаци и велосипеди и мопеди и јавен градски превоз. Ќе го направиме Градот транспарентен, ќе понудиме на секој граѓанин да може во секое време да комуницира со својата локална самоуправа, ќе ги креираме бизнис политиките на начин што ќе ги враќаме парите кон граѓаните, животот да го вратиме кон сите, рече Шилегов.
Скопје, според него, заслужува да биде модерен, европски, слободарски град каков што бил во традицијата. Посочи дека во минатото можеше да се видите токму спротивното, и затоа, како што наведе, бара поддршка за да се даде живот за сите во Скопј.
Богоев, пак, рече дека планираат да го посетат секое семејство, сите граѓани, да разговараат со секого, да ги кажат нивните планови и да ги слушнат нивните потреби.
– Она што планираме за Карпош е на потегот од Скејт паркот до бунарите на Рашче по должина на реката Вардар да направиме голем парк, планираме нова од темел градинка во Влае 2, модерни еко-паркинзи со кои ќе го решиме проблемот со паркирање во сите делови од општината, три реонски базени на територија на општината Карпош за потребите на граѓаните, рече Богоев. Посочи дека исто така планираат дом за повозрасни лица кој ќе биде на кејот на реката Вардар од другата страна кај Злокуќани. Потенцира дека тој со неговиот тим планираат чесна кампања, чесен настап со чесни луѓе да ги посетат сите граѓани и да ја презентираат целосно изборната програма.
Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека проблемот со загадувањето во Скопје е повеќе од акутен, алармантен, се загрозува животите на граѓаните секоја зима дури почнавме и летно време да дишеме отров.
– Ќе преземеме низа интервентни мерки, од сопирање на градежните работи, мораториум на градежните работи, бесплатен јавен превоз, тоа се како акутни мерки. Во деновите кога е загадено мора да биде бесплатен јавниот превоз со цел да им порачаме на скопјани да не влегуваат во своите возила, посочи Шилегов. Најави дека наредната 2018 година започнува изградбата на секундарната гасоводна мрежа, при што најпрво ќе бидат опфатени деловите од Скопје кои не се во системот на парно греење. Загадувањето, како што рече, ќе се решава и со тоа што за секоја издадена градежна дозвола за еден стан во станбена зграда инвеститорот ќе биде должен да посади три до пет дрвја. Очекува со системски развој на зелените површини во 2021 година Скопје да конкурира за зелена престолнина во Европа