Во Скопје и официјално ќе почне изградбата на нов, брз и одржлив јавен транспорт, откако денеска Министерството за финансии, Градот Скопје и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го потпишаа Договорот за заем за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит превоз, во износ од 70 милиони евра.
Со новиот транспорт се очекува директно да се намали сообраќајниот метеж, а со тоа и аерозагадувањето во делот на сообраќајот.
Проетот опфаќа воспоставување на две линии со коридори резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,80 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминала – постоечкиот во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден нов терминал.
Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно.
Со иплементација на првата фаза се очекува времетраењето на патувањето од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 проценти, да се зголеми фрекфенцијата на автобуси на секои 34 минути на автобуска станица.
Проектот ќе го имплементира Градот Скопје во соработка со Министерството за транспорт и врски.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција по потпишување на договорот, посочи дека со оваа постапка се остварува и унапредува 40 години стариот сон на скопјаните
-Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, истакна Шилегов.
Тој информира дека времето потребно за едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и обратно ќе биде 35 минути. Автобусите, кои се со хибриден погон на гас и електрична енергија, се со должина од 18 метри. Целиот систем е поставен така што во иднина ќе може да го користи и возило со должина и од 24 метри.
Скопје е првиот град на Балканот кој ќе го изведе овој систем, што, според скопскиот градоначалник, не е само успех за Градот, туку и за целата наша држава.
Зголемувањето на брзината, но и достапноста на јавниот транспорт, според Шилегов, несомнено ќе значи и зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје.
– Екипите на Градот Скопје и на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) досега работеа на подготовка на техничката документација за овој систем. Идејното сообраќајно решение веќе е изработено од стручњаците од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и ќе претставува основа за тендерската документација која набрзо очекувам дека ќе ја започнеме во текот на ова лето, рече Шилегов.
Во рамките на ЕБОР овој проект е заверен како „зелен проект“ и се финансира во рамките на мрежата зелени градови, чиј член е Скопје од 2019 година кога всушност е и започната оваа постапка.
– Се радувам што ова на некој начин е импликација на еколошките политики кои ги креираме како градска администрација и што после неколку децении конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за нашиот град, додаде скопскиот градоначалник.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по потпишувањето на договорот рече дека одлика на секој град-метропола е да има добра и развиена транспортна мрежа која нуди брз и ефикасен превоз меѓу сите точки на движење.
– Развојот на градот во демографска смисла, во социоекономска и просторна, ја наметнува потребата од воведување на нови сообраќајно-транспортни решенија кои ќе овозможат поефикасен транспорт за граѓаните. Проектот брз автобуски превоз во Град Скопје е нов градски сообраќаен систем преку кој ја подобруваме ефикасноста и економичноста на транспортната мрежа, рече Бочварски.
Тој појасни дека како Министерство за транспорт и врски ќе обезбедат соодветна инфраструктура, преку која овој концепт на транспорт ќе влијае врз подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Во меѓувреме, како што рече Бочварски, во Министерството работат и на нова студија за развој на урбаниот транспорт во Скопје, како нов концеп кој треба да обезбеди пристапни опции за транспорт за сите граѓани, безбедност во рамките на целокупниот транспортен систем и мобилност од врата до врата.
Минитерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес-конференција по потпишување на договорот посочи дека кога иницијативите за создавање „зелена“, поинклузивна и одржлива економија ќе се совпаднат со напорите за економско заздравување од ковид-кризата, придобивките за македонската економија се повеќекратни.
– Денеска со Европската банка за обнова и развој потпишавме многу важен договор за финансирање на проектот за „Воведување брз автобуски превоз во Град Скопје“, којшто на мое задоволство е во согласност со нашата ориентираност кон зелена економија, којашто промовира инвестиции што носат бројни еколошки придобивки, рече Бесими.
Притоа, како што рече тој, проектот ќе го подобри квалитетот на живот на граѓаните преку намалување на времето потребно за патување, преку подобрување на квалитетот на воздухот што го дишеме и преку намалување на емисиите на стакленички гасови, како еден од најголемите проблеми за Градот Скопје.
Бесими посочи дека ќе се воспостават две линии за брз автобуски превоз во Градот Скопје, при што ќе се направат патни коридори што ќе бидат резервирани само за автобусите, односно автобуски ленти по средина или на работ од булеварите. Притоа се набавуваат хибридни автобуси што работат на компримиран природен гас.
Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија, изјави дека проектот ќе ги поддржи напорите на Градот во справување со предизвиците на јавниот превоз на поефикасен и структуиран начин, преку подготовка и имплементација на одржлив урбан план на мобилност, кој ќе води кон подобрување на јавниот транспорт и ќе го направи поатрактивен, со цел да се намали користењето на приватните автомобили.
– Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект, рече Аранитаси.
За реализација на овој проект Европската банка за обнова и развој ќе додели заем во износ од 70 милиони евра во две транши, односно, прва транша во износ од 47,6 милиони евра за финансирање на линијата 1 – од исток до запад и втората транша во износ од 22,4 милиони евра за финансирање на линијата 2 – од југ до север.
Рокот за отплата на првата и втората транша од заемот е 15 години со вклучен грејс период од четири години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за 1 процент.
Покрај заемот, ЕБОР ќе додели и грант за техничка поддршка на Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски за имплементацијата за активностите за линија 1 и за подготовката – изработка на Студија за изводливост и идеен проект и имплементација на активностите за линија 2.