„Дрисла“ станува повторно јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје, соопшти градоначалникот Петре Шилегов.
Одлуката е донесена денеска на петтата вонредна седница на Советот на Град Скопје, на која, исто така, беа поништени претходните договори и постапки за давање на „Дрисла“ под концесија.
– Советот на Град Скопје изгласа одлуки со кои се поништува претходната одлука за избор, но и се поништува целата постапка за избор на концесионер на депонијата „Дрисла“, со што по осум години правни игри, правни шпекулации и правни перипетии успеавме Град Скопје да го извадиме од тие лавиринти и конечно да ја исчистиме состојбата со претходно сериозно водена контроверзна постапка за избор на концесионер во „Дрисла“, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов по завршувањето на седницата.
Тој образложи дека со тоа „Дрисла“ се враќа повторно во системот на Град Скопје како јавно претпријатие. Претпријатието, како што рече, ќе треба да го реструктуираме, да го основаме со нов Управен одбор и со нов менаџмент се со цел да воспоставиме целосна контрола и врз „Дрисла“, но и да можеме да креираме нови комунални политики во нашиот град.
Според него, изминатите осум години Градот немал соодветен партнер во „Дрисла“ и очекува дека по ова ќе може да се зборува за еден сосема нов поинаков начин и на функционирање на „Дрисла“ и на креирање на комуналната политика во главниот град.