До крајот на мај се очекува Јавното претпријатие „Лајка“ да почне да работи со полн капацитет, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
„Јавното претпријатие ’Лајка‘ функционира половично имајќи предвид дека сме во завршна фаза. Мојот оригинален план и проектираното беше до крај на март да биде завршен стационарот, за жал пандемијата и забавувањето на активностите нѐ спречија во тоа, меѓутоа како се враќа животот во нормала така се интензивираат и таму активностите“, рече Шилегов.
Како што појасни градоначалникот, таму веќе се работи на електричниот и водоводниот приклучок, се очекува за една недела да се завршат неколку гипсени работи, и до крајот на мај би требало во полн капацитет „Лајка“ да биде ставена на услуга на граѓаните, со цел како што рече, големиот проблем што го има градот со кучињата скитници да биде решен.
Тој истакна дека е завршена постапката со Агенцијата за храна и ветеринарство за чипирање и за донирање на чипови на ниво на сите општини на државата, вклучително и Град Скопје.