Шилегов: За четири години загадувањето нема да биде ни тема на разговор

by fokus

Чекор по чекор Скопје станува модерен, организиран, силен град на 21 век, рече вечерва на трибина во Скопје, кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ Петре Шилегов. Во својот говор пред присутните тој наведе дека за две години од сега Скопје треба да има нов Генерален урбанистички план (ГУП).

– Новиот ГУП гарантира дека никој повеќе нема да го злоупотребува Скопје за приватни цели. Новиот ГУП гарантира хуманизација на просторот надвор од центарот на градот. Скопје 10 години е жртва на ГУП од 2012 година кој што го донесе ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме истите луѓе да го донесат ГУП-от во 2022 година, рече Шилегов.

– Она што најдобро го знам е дека ништо не се постигнува брзо и лесно како што најавува Арсовска, туку со многу работа, труд, планирање и долгорочно вложување. Проектите на коишто работиме нудат решенија и за проблемите во наредните 50 години, истакна Шилегов и додаде дека тоа не може да се реализира ниту брзо, ниту лесно како што велат ВМРО ДПМНЕ и Арсовска.

Тој исто така посочи дека за Скопје не може да се работи лесно, туку плански стратешки и одговорно.

– Одговорноста се мери според квалитетот на воздухот којшто двојно го подобривме. Одговорноста се мери што ги исчистивме сите депонии наследен од претходниот период и ги претворивме во паркови. Одговорно е да се донесе нов генерален урбанистички план каде што Скопје ќе биде град без тешка индустрија, рече Шилегов.

– Ако за четири години успеавме да го намалиме загадувањето за една третина, уште за четири години тоа веќе нема да биде ни тема на разговор во нашето Скопје. Четири години од сега ќе шетаме по 70 хектари пешачка зона во центарот на градот со многу зеленило и слободен простор. Визијата моја за Скопје е Кеј 13 Ноември, додаде Шилегов.

Поврзани новости